Депозитарна банка (банка – чувар на имот)
Друштвото за управување со доброволни пензиски фондови е должно да избере единствен чувар на имот, на кого ја доверува одговорноста за чување на средствата на доброволниот пензиски фонд.
Доколку доброволниот пензиски фонд има средства надвор од територијата на Република Македонија, чуварот на имот избира и субчувар на имот за чување на тие средства, кој е банка или специјализирана депозитарна институција, има дозвола за работа издадена од надлежен орган во земја надвор од Република Македонија и е овластена за таква дејност согласно со законите на државата каде што ќе врши чување на средствата на доброволниот пензиски фонд. Избраниот субчувар на имот мора да има рејтинг препорачлив за инвестирање според реномирани меѓународни кредитни рејтинг агенции.
Сите инструменти во кои се вложени средствата на пензискиот фонд мора да се чуваат од страна на чувар на имот. Сите приливи и одливи на парични средства на пензискиот фонд се вршат единствено од сметки на доброволниот пензиски фонд кои се отворени и се водат кај чуварот на имот.
Чуварот на имот е должен чувањето на средствата, работењето во врска со тие средства и евиденцијата на секој пензиски фонд да ги врши одделно за секој пензиски
фонд, одвоено од другите коминтенти и одвоено од сопствените средства, работење и евиденција.
Над средствата на доброволниот пензиски фонд, депонирани согласно со одредбите од овој закон, не смее да се спроведе извршување во постапка против чуварот на имот, тие средства не претставуваат дел од средствата на чуварот на имот против кој е отворена постапка на стечај или ликвидација и не смеат да бидат предмет на какво било порамнување.
Чуварот на имотот на доброволен пензиски фонд ги врши следниве работи:
а) ги чува безбедно сите хартии од вредност кои претставуваат средства на доброволниот пензискиот фонд;
б) хартиите од вредност кои претставуваат средства на доброволниот пензиски фонд како електронски записи ги води на посебна сметка во Централниот депозитар за хартии од вредност;
в) ги чува документите за порамнување во врска со уплатата на парични средства на банкарската сметка на доброволниот пензиски фонд и исплатата на парични средства од банкарската сметка на доброволниот пензиски фонд;
г) работи како посредник за порамнување на трансакции со хартии од вредност врз основа на налози од друштвото и ги собира и наплаќа приходите од дивиденди, камати и сите други приходи кои произлегуваат од вложувањата на средствата на доброволниот пензиски фонд;
д) осигурува дека договорите во врска со стекнување, инвестирање и пренесување на средствата на доброволниот пензиски фонд се во согласност со овој закон, со статутот на доброволниот пензиски фонд и со налозите кои произлегуваат од трансакциите на друштвото за управување со пензиски фондови и дека тие налози се во согласност со овој закон;
ѓ) врши пресметка на нето средствата и на сметководствената единица на доброволниот пензиски фонд, ги проверува и потврдува пресметките кои ги извршило друштвото и е одговорен за точноста на пресметките;
е) врши проверка на усогласеноста на портфолиото на доброволниот пензиски фонд со инвестиционите ограничувања согласно со овој закон и подзаконските акти;
ж) соработува и врши надзор на субчуварот на имот;
3) пресметува и уплаќа даноци поврзани со инвестициите и доставува барање за поврат и ослободување од данок и
ѕ) известува за годишните собранија на акционерите од друштвата и за правата поврзани со сопственоста и ги извршува налозите поврзани со остварување на правата од сопственост.
Сите надоместоци на чуварот на имот ги плаќа друштвото од сопствените средства.
Чувар на имотот на ВФП отворен доброволен пензиски фонд е Комерцијална Банка АД Скопје
Супервизија
Контрола на работењето на ВФП пензиско друштво АД Скопје и управувањето со ВФП отворен доброволен пензиски фонд – Скопје врши Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
МАПАС е основан во јули 2002 година со именување на директорот од страна на Владата на Република Македонија, заради вршење супервизија на работењето пензиските фондови со крајна цел да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови
Агенцијата има својство на правно лице и за својата работа одговара пред Собранието на Република Северна Македонија. Истовремено е одговорна за издавање, повлекување и одземање дозволи за основање на пензиски друштва, дозволи за вршење дејност – управување со пензиски фондови и издавање, повлекување и укинување на одобренија за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Таа врши супервизија на работењето на пензиските друштва, задолжителните и доброволните пензиски фондови, како и на чуварите на имот и на странските менаџери на средства.
Меѓу останатите нејзини одговорности е и да го промовира, организира и поттикнува развојот на капитално финансираното пензиско осигурување во Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и да ја развива свеста на јавноста за целите и принципите на пензиските друштва и на задолжителните и доброволните пензиски фондови, за придобивките од членување во задолжителен и/или доброволен пензиски фонд, вклучувајќи ги и целите, принципите и придобивките од учество во професионална пензиска шема, за правата на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови и за други прашања во врска со капитално финансираното пензиско осигурување.
Контакт информации:
Седиште на Агенцијата: ул.Славко Јаневски бр.100, 1000 Скопје
Контакт телефонски број: 02/3224-229
Контакт mail адреса: contact@mapas.mk
Веб страна: https://mapas.mk/za-mapas/